ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОК НА ДОБИВКА

Со дополнувањето на Законот за добивка, објавен во Службен весник на РМ број 190/2016 на ден 17.10.2016 година, Законот за данокот на добивка се дополнува со три нови члена 30-а, 30-б и 30-в.

Имено, се чини дека дополнувањето на Законот за данокот на добивка е со цел нови даночни потикнувања на правните лица за зголемување на обемот на давање на донации на финансиски средства на спортски федерации, на Македонскиот олимписки комитет, на фудбалски клубови, на кошаркарски клубови, на ракометни клубови, како и на другите спортски клубови во РМ и на активните спортисти од олимписките спортови и на активните спортисти од неолимписки спортови. Воедно, за остварување на поволностите кои се предвидени во законските дополнувања, клубовите треба да се натпреваруваат во национален систем на натпревари каде има натпреварување во организирана лига и да имаат регистрирана и активна младинска школа.

Со предвидените поволности, во случај на давање на донација опишана во новите членови 30-а, 30-б и 30-в од Законот за данокот на добивка, на даночниот обврзник му се намалува пресметаниот данок на добивка за износот на дадената донација, но во секој поединечен случај во зависност од примачот на донацијата, со различна гранична вредност која е утврдена од 5% до 40% од пресметаниот данок. Даночните поволности предвидени со новите дополнувања, можат да бидат остварени само по еден од наведените основи во Законот за дополнување на Законот за данокот на добивка и не можат да се кумулираат.

Од друга страна пак, укажуваме дека за даночните обврзници, кои го искористиле правото за намалување на пресметаниот данок на добивка согласно со дополнувањата на Законот за данокот на добивка, се исклучува правото на даночно поттикнување кај данокот на добивка согласно со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, кое е предвидено на начин што на даночниот обврзник како расход во Даночниот биланс за оданочување на добивка му се признаваат дадените донации во тековната година до висина од 5% од вкупниот приход.

Примената на Дополнувањето на Законот за данок на добивка започнува на 01.01.2017 година.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното дополнување на Законот за данок на добивка, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *