ЗАДОЛЖИТЕЛНО УЧЕСТВО НА АДВОКАТИТЕ ВО ПОСТАПКИТЕ ПРЕД ИЗВРШИТЕЛ И НОТАР

Со измените на Законот за извршување и Законот за нотаријат, односно со новите закони за извршување и нотаријат објавени во Службен Весник на РМ број 72/2016 година на ден 12.04.2016 година, се зголемува учеството и се уредува задолжителноста на адвокатот во постапките за извршување и во постапките пред нотар.

  • Имено, согласно новиот Законот за извршување:
  • – барањето за извршување на извршната исправа во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра;
  • – приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра; како и
  • – жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра,

ЗАДОЛЖИТЕЛНО ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.

Од друга страна пак, согласно новините во Законот за нотаријат, улогата на адвокатот како ЗАДОЛЖИТЕЛНА се воведува во следните постапки:

а) Во постапките по предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог, без оглед на вредноста освен доколку:

  • – во таа постапка доверител е Република Македонија;
  • – побарувањето произлегува од комунални услуги и тоа:
    • * за вода, смет и одржување на заеднички простории за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари;
    • * за електрична или топлинска енергија за парично побарување од веродостојна исправа до 6.000,00 денари
    • * за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари;
  • – предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог е од страна на доверител банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, доколку вредноста на побарувањето во веродостојната исправа е под 10.000 евра;

б) Во постапките за приватната исправа за правната работа врз основа на кои се стекнува, престанува, пренесува или ограничува право на сопственост или друго право на недвижност, или права за кои се водат јавни книги, доколку се работи за правна работа со вредност над 10.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, освен доколку:

  • – една од странките е Република Македонија; како и доколку
  • – се потврдува приватна исправа со вредност над 10.000 евра, каде една од странките е банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, тогаш само едната страна е должна да обезбеди адвокатски печат и потпис;

в) За изготвување на договорите за продажба и преддоговорите за продажба со вредност на предметот на продажба над 10.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија (задолжително треба да го состави адвокат и задолжително да содржи адвокатски печат и потпис, без оглед дали ќе се потврдат (солемнизираат) или завери потпис на истите);

г) Во постапките за расправањето на оставината, задолжително е учество на адвокат за секој од учесниците.

Во оваа насока, укажуваме дека согласно понапред наведените новини во Законот за нотаријат, во случај да исправата за правната работа не содржи адвокатски печат и потпис, односно не е присутен адвокат согласно одредбите од Законот за нотаријат, Нотарот е должен ДА ГО ОДБИЕ БАРАЊЕТО ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ НА СЛУЖБЕНОТО ДЕЈСТВИЕ.

Примената на новиот Закон за извршување и Закон за нотаријатот започнува на 01.01.2017 година.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со новините во Законот за извршување и Законот за нотаријат, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *