ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДЕЊЕ И ДРУГИ ОДОБРЕНИЈА ПРИ ГРАДЕЊЕ

Градбите во Република Македонија се  категоризираат во градби од прва и градби од втора категорија; и во зависност од истото и различен орган го издава одобрението за градење. Практично изведувањето на овие градби не може да започне без издавање на одобрение за градење, а градбите и деловите од градби изградени без одобрение за градење се бесправни градби. Деловите од градбата изградени спротивно на заверениот проект и одобрението за градење се основ за ништовност на одобрението за градење.

Имено, одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно. Во ваков случај, надлежниот орган што го издал одобрението за градење донесува акт за ништовност на одобрението, кој се доставува до органот надлежен за водење на јавната книга за запишување на правата на недвижностите и истиот е основ за бришење на сите прибележувања и предбележувања поврзани со недвижноста. Патем, доколку градбата започнала да се гради по истекот на рокот од две години, исто така се смета дека градењето е бесправно.

Инвеститорот е должен писмено да го пријави започнувањето на изградбата до надлежниот орган кој е надлежен да го издаде одобрението, градежната инспекција и инспекцијата на трудот, пред започнувањето на изградбата. Во известувањето, инвеститорот е должен да ги назначи изведувачот и правното лице за вршење надзор со определен надзорен инженер, а за градби наменети за индивидуално домување со бруто развиена површина до 300 м2 не е задолжително назначувањето на правното лице за вршење на надзор со определен надзорен инженер во известувањето. Доколку во текот на градењето се промени изведувачот или правното лице за вршење на надзор, односно определениот надзорен инженер, инвеститорот е должен во рок од седум дена од настанатата промена да го извести надлежниот орган за настанатата промена.

Градбите од прва категорија се градби од значење за Републиката и одобрение за градење издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот. Согласно Законот за градење, како градби од прва категорија се категоризирани следните градби: нуклеарни електрани, термоцентарали и хидроцентрали со капацитет од и над 1 МВ, далноводи со напонско ниво од и над 35 КВ, градби за производство на електрична енергија од обновливи извори со капацитет поголем од 1 МW, трафостаници со напонско ниво од и над 35 КВ, нафтоводи, продуктоводи, магистрални гасоводи, магистрални топловоди, гасоводни мерни станици,, државни патишта, придружно услужни објекти на државни патишта утврдени со закон, железнички пруги, железнички станици на железнички пруги, аеродроми, депонии за опасен отпад, брани со акумулации, градби за базна и хемиска индустрија, градби за црна и обоена металургија, градби за производство на целулоза и хартија, градби за преработка на кожа и крзно, градби за преработка на каучук, барут и експлозивна муниција, градби за складирање на експлозивни средства, складишта за нафтени деривати, природен гас и ТНГ со капацитет на складирање од и над 1.000 тони, градби за санација на свлечишта, градби кои би можеле да ја загрозат животната средина, градби за потребите на државните органи и агенциите и фондовите основани од Република Македонија градби за потребите на правни лица во целосна или доминантна сопственост на Република Македонија, градби за дипломатски и конзуларни претставништва и меѓународни организации, туристички развојни зони и градбите во овие зони, индустриски и зелени зони основани од Владата на Република Македонија и градбите во овие зони слободни здравствени зони и градбите во овие зони, технолошки индустриски развојни зони формирани од Владата на Република Македонија и од правни лица и градбите во овие зони, градби за високо образование, опсерватории, национални установи од областа на културата, градби кои претставуваат заштитено недвижно културно наследство согласно со закон (поединечни добра, споменички целини без контактните зони и археолошки локалитети), меморијални споменици, градби наменети за терцијална здравствена заштита, телекомуникациски центри за прием на сателитски сигнали, градби за потребите на граничните премини, градби предвидени со урбанистичко-планска документација за градби од посебен интерес (освен градби за индивидуално домување), регионални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување, регионални депонии, жичари, градби предвидени на подрачје на две или повеќе општини, градби во кои постојат инсталации за производство на топлинска енергија, езерски и речни пристаништа, стадиони и спортски сали со капацитет над 10.000 гледачи.

Градбите од втора категорија се градби од локално значење и одобрение за градење издава градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје. Како градби од втора категорија во Законот за градење се категоризирани следните градби: градби наменети за основно и средно образование, градби од областа на културата, градби за потребите на органите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, индустриски и зелени зони основани од општините, општините во градот Скопје и градбите во овие зони градби наменети за примарна и секундарна заштита, градби за потребите на верските заедници, индустриски градби, стопански градби, деловни градби, станбено-деловни градби, градби за индивидуално домување, градби за индивидуално домување предвидени со урбанистичко-планска документација за градби од посебен интерес, викенд куќи, градби за колективно домување, градби за потребите на агроберзи, трговски центри, хотели, рекреативни центри, градби за научно-истражувачката дејност, катни гаражи, пазари, општински патишта, придружно услужни објекти на општински патишта и улици утврдени со закон, електронски комуникациски мрежи и средства, термоцентрали и хидроцентрали со капацитет до 1 МВ, ветерници, градби за производство на електрична енергија од обновливи извори со капацитет до 1 МW, фото-напонски панели за производство на електрична енергија кои се градат на земјиште, далноводи со напонско ниво до 35 КВ, трафостаници со напонско ниво до 35 КВ, складишта за нафтени деривати, природен гас и ТНГ со капацитет на складирање до 1.000 тони, секундарна гасоводна мрежа, секундарна топловодна мрежа, трамвајски пруги, градби за противпожарна заштита, градби за ветеринарна заштита, детски градинки, градби во подрачје на национални паркови и парк шуми, градби за сепарација на материјал за производство на бетон, бетонски бази, асфалтни бази, локални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување, градби кои се во функција на заштита и промоција на природното наследство (информативни центри), депонии за интерен отпад (градежен шут) и депонии за неопасен отпад, рудници и градби за потребите на рудници, автокампови и градби за потребите на автокампови, објекти за складирање, третман и/или преработка на отпад, меѓуградски автобуски станици, зоолошки градини, стадиони и спортски сали со капацитет под 10.000 гледачи, системи за наводнување и одводнување, базени на ниво на теренот за јавна употреба, јавни паркови, јавни паркиралишта и ски-лифтови.

По исклучок на понапред наведеното, одобрение за градење за градбите во технолошките индустриски развојни зони формирани од Владата на Република Македонија и од правни лица, кои ги градат закупците и сопствениците на земјиштето во технолошките индустриски развојни зони, (освен за инфраструктурните објекти во рамки на зоната, кои ги градат субјектите-даватели на јавни услуги кои се надлежни за изградба на електроенергетската, водоводната, канализационата, гасоводната и телекомуникациската инфраструктура), за градбите во слободните здравствени зони, како и за градбите во индустриските и зелените зони основани од Владата на Република Македонија кои ги градат сопствениците на земјиштето во индустриските и зелените зони, издава Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, на начин и во постапка утврдени со Законот за технолошки индустриски развојни зони, односно Законот за индустриски-зелени зони, а за градбите во технолошко индустриските развојни зони (освен за инфраструктурните објекти во рамки на зоната, кои ги градат субјектите-даватели на јавни услуги кои се надлежни за изградба на електроенергетската, водоводната, канализационата, гасоводната и телекомуникациската инфраструктура) за кои е склучен договор за јавно приватно партнерство, одобрение за градење издава Министерството за економија на начин и во постапка утврдени со Законот за технолошки индустриски развојни зони.

Исто така, постапката за издавање на одобрение за градење за магистрални и собирни улици на подрачјето на градот Скопје, одобрение за градење за линиски инфраструктурни објекти чија изградба согласно со Законот за градот Скопје е во надлежност на градот Скопје, одобрение за доградба, надградба и одобрение за реконструкција на објекти за кои е донесена одлука од Советот на градот Скопје, одобрение за градење и одобрение за реконструкција на плоштади кои се во надлежност на градот Скопје, одобрение за градење и одобрение за реконструкција на сообраќајници кои овозможуваат пристап до плоштадите кои се во надлежност на градот Скопје, одобрение за градење за инфраструктурни градби со придружни содржини во речни корита кои се наоѓаат на подрачјето на градот Скопје, одобрение за градење на придружни содржини во паркови кои се во надлежност на градот Скопје, го спроведува градот Скопје и одобрението за градење, доградба, надградба, односно одобрението за реконструкција го издава градоначалникот на градот Скопје.

Постапката за издавање на одобрение за градење за линиски инфраструктурни објекти, стадиони и спортски сали со бруто развиена површина над 1500 м2, за кои инвеститор е Република Македонија и чија изградба е финансирана само со средства од Буџетот на Република Македонија, ја спроведува органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, а одобрението за градење го издава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

околку со урбанистичкиот план или државната, односно локалната урбанистичка планска документација е планирана повеќенаменска градба во која се предвидени градби од прва и втора категорија, одобрение за градење издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот – Министерството за транспорт и врски.

Примерок од прависилното одобрение за градење кое го донесува органот на државната управа надлежен за вршење на работите на уредување на просторот – Министерството за транспорт и врски, односно Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, односно градот Скопје се доставува до единицата на локалната самоуправа на чие подрачје ќе се гради градбата, во рок од пет дена од правосилноста на одобрението за градење.

Инвеститорот е должен градбите од прва и втора категорија да ги изгради во рок не подолг од десет години.

Постапката за издавање на одобрение за градење се води согласно со одредбите на Законот за општата управна постапка, а се поведува со поднесување на барање во електронска форма до надлежниот орган, понапред наведен.

Кон Барањето за одобрение за градење се доставува следнава документација:

– архитектонско-урбанистички проект заверен од надлежен орган, доколку со урбанистичкиот план или урбанистичко-планската документација е предвидена изработка на овој проект, односно проект за инфраструктура, доколку барањето се однесува за линиски инфраструктурни градби;

– основен проект со извештај за ревизија на основниот проект или писмен извештај со согласност за нострификација на основниот проект, доколку истиот е изработен во странство, како и позитивно мислење за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сезимичка заштита на градбата;

– идеен проект доколку истиот претходно е доставен и одобрен;

– доказ за право на градење и

– геодетски елаборат за нумерички податоци за градежното земјиште.

Одобрението за градење се издава во рок од пет работни дена од доставување на  доказ за платен надоместок за уредување на градежно земјиште, односно од денот на склучување на договорот за начинот на плаќање на надоместокот или договор со кој е утврдено дека инвеститорот ќе го уреди земјиштето на сопствен трошок, односно од денот на донесувањето на акт врз основа на кој инвеститорот е ослободен од плаќање на надоместокот или од денот на доставување на банкарска гаранција за плаќање на надоместокот или доставување доказ за востановена хипотека во корист на општината.

Како доказ за право на градење, се смета:

– имотен лист со запишано право на сопственост или право на долготраен закуп или право на службеност на градежното земјиште, кој е составен дел на геодетскиот елаборат за нумерички податоци за градежното земјиште;

– договор за пренесување на правото на градење на предметното градежно земјиште;

– договор за концесија или договор за јавно приватно партнерство;

– одлука на Владата на Република Македонија со која државен орган, агенција или фонд основани од Владата на Република Македонија, правни лица во целосна или доминатна сопственост на Република Македонија или единица на локалната самоуправа се стекнале со право на градење;

– договор со заедницата на сопственици на посебни делови на објектот или писмена согласност од мнозинството сопственици на посебните делови од објектот кои претставуваат повеќе од половината од вкупната површина на објектот со имотни листови за посебните делови на објектот, доколку се работи за доградба и надградба на згради во етажна сопственост;

– одлука на советот на општината, советот на општината во градот Скопје, односно Советот на градот Скопје, доколку се работи за доградба и надградба на објект;
– изјава од инвеститорот со која истиот ќе потврди дека ја презема обврската да ги регулира имотноправните односи во текот на изградбата и дека истите целосно ќе ги регулира до поднесување на барањето за одобрение за употреба односно до подготвување на извештајот за извршен технички преглед од надзорен инженер, доколку се работи за изградба на линиски инфраструктурни објекти кои што се државни патишта, локални патишта и улици, водоснабдителни и канализациони системи железнички пруги, гасоводи и далноводи, продуктоводи, топловоди, нафтоводи, жичари, градби за производство на електрична енергија од обновливи извори системи за наводнување и одводнување, базени на ниво на терен за јавна употреба градби кои претставуваат заштитено недвижно културно наследство согласно со закон, како и за објекти за потребите на државни органи, агенции или фондови основани од Владата на Република Македонија и правни лица во целосна или доминатна сопственост на Република Македонија, а не се решени имотноправните односи за целата градежна парцела; и

– имотен лист со запишано право на сопственост на Република Македонија, или конечно решение за експропријација, или имотен лист со запишано право на сопственост или право на доготраен закуп или право на службеност на градежното земјиште доколку се работи за изградба на линиски инфраструктурни градби, кој е составен дел на геодетскиот елаборат за нумерички податоци за градежното земјиште.

Воедно, во Законот за градење е предвидено за градбите наменети за индивидуaлно домување со бруто развиена површина до 300 м2, да не биде задолжителна ревизија на основниот проект и надзор над изградбата на градбата, а изведувачот е должен само да даде изјава заверена кај нотар под полна материјална и кривична одговорност со која ќе потврди дека објектот е изграден во согласност со одобрението за градење и основниот проект или проектот на изведена состојба.

Инвеститорот може да започне со изградба на градбата врз основа на правосилно одобрение за градење, а по исклучок, инвеститорот на сопствена одговорност и ризик може да започне со изградба и врз основа на конечно одобрение за градење.

Во ситуација кога одобрението за градење не е правосилно, поради тоа што жалителот започнал управен спор, а инвеститорот не започнал со изградба на градбата пред одобрението за градење да стане правосилно, инвеститорот има право да бара надоместок на штета и надоместок на изгубена добивка од жалителот, доколку тужбеното барање и/или жалбеното барање од надлежните судови се одбиени како неосновани и/или недопуштени.

*Измени на градба

Во текот на изградбата можат да се направат измени на градбата, доколку со измените не се влијае на исполнување на кое било основно барање за градбата и не се менува усогласеноста на градбата со параметрите од урбанистичкиот план, државната, односно локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планска документација за туристичка развојна зона, урбанистичко-планска документација за автокамп или проектот за инфраструктура. За вршење на измени инвеститорот е должен да поднесе барање кон кое приложува дополнување на основниот проект со извештај за ревизија на дополнувањето на основниот проект до надлежниот орган кој го издал одобрението за градење.

Надлежниот орган може со решение да го одбие барањето за измени на градбата, ако утврди дека со бараното дополнување на дел од основниот проект се менува усогласеноста на градбата со параметрите од урбанистичкиот план или државната, односно локалната урбанистичка планската документација или проектот за инфраструктура или се нарушува механичката отпорност, стабилност и сеизмичка заштита, или доставено е негативно мислење, односно не е дадена потребна согласност.

Од друга страна, доколку во текот на градењето се смени инвеститорот, за настанатата промена новиот инвеститор е должен, да го извести органот надлежен за издавање на одобрението за градење и со известувањето да достави доказ дека има статус на инвеститор. На новиот инвеститор со решение ќе му се признае статус на инвеститор на градба, само доколку со преземањето на правото за градење ги преземе и правата и обврските кои претходниот инвеститор ги имал со учесниците во градењето (управителот на градбата, правните лица за вршење на работите на проектирање, ревизија, надзор и изведувачот), како и доколку ги преземе правата и обврските кои претходниот инвеститор ги имал како резултат на склучени договори за хипотека и други правни дела за промет на градбата или делови од градбата прибележани во листот за предбележување на градба, во спротивно по изградбата нема да му се издаде одобрение за употреба на градбата на негово име, односно нема да се изготви извештај за извршен технички преглед од страна на надзорен инженер. Исто така, во овој случај надзорниот инженер не смее да изготви извештај за извршен технички преглед, а за градбите за индивидуално домување со бруто развиена површина до 300 м2 изведувачот не смее да даде изјава со која ќе потврди дека објектот е изграден во согласност со одобрението за градење и основниот проект или проектот на изведена состојба. Надлежниот орган за издавање на одобрението за градење е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето да утврди дали се исполнети законските услови за промена на инвеститор и да донесе решение за промена на инвеститор или решение со кое се одбива барањето. Промените во актите кои се издаваат од надлежните органи во врска со градењето настанати заради промените во правните односи на учесниците во градењето и тоа во врска со стекнувањето на право на градба, сопственост на градба и преземањето на правата и обврските од инвеститорот се вршат само врз основа на потврдени правни работи или конечни акти на државни органи, подобни за запишување на права врз недвижности во јавната книга на недвижностите, со прибележување. Барањето за промената на инвеститорот може да се поднесе до издавањето на одобрението на употреба односно до изготвувањето на извештајот за извршениот технички преглед, а за градбите за индивидуално домување со бруто развиена површина до 300 м2, пред давањето на изјава од страна на изведувачот со која потврдува дека објектот е изграден во согласност со одобрението за градење и основниот проект или проектот на изведена состојба.

* Одобрение за подготвителни работи

За изградба на градби по потреба можат да се изведат подготвителни работи. Подготвителни работи се вршат по добиено одобрение за подготвителни работи. Инвеститорот или изведувачот поднесува писмено барање за добивање на одобрение за подготвителни работи. Со одобрението за подготвителни работи се организира градилиштето со поставување на градби, кои се во функција на изградбата на градбата. Со барањето се приложуваат проект за подготвителни работи, согласности, мислења и докази за регулирани имотно-правни односи за земјиштето на кое ќе бидат поставени градбите за подготвителни работи.

Градби за вршење на подготвителни работи се:

– ограда за оградување на градилиштето,

– асфалтна база, сепарација на агрегати, погон за производство на бетон,

– далновод и трансформаторска станица која е потребно да се изгради заради напојување на градилиштето со електрична енергија,

– инсталација за довод и одвод на вода,

– градби за сместување на работници и за градежни производи,

– магацини за складирање на запаливи течности и експлозивни средства и

– други градби кои се потребни за изградба на градбата.

Имено, ваквите градби за изведување на подготвителни работи се од времен карактер и не се предвидуваат со урбанистички план, а изведувачот е должен да ги отстрани и земјиштето соодветно да го уреди најдоцна до поднесувањето на барањето за одобрение за употреба. Воедно, доколку инвеститорот не прибави одобрение за градење во рок од една година од денот на добивањето на одобрението за подготвителни работи, добиеното одобрение престанува да важи и изведувачот е должен веднаш да ги отстрани поставените градби за подготвителни работи и земјиштето соодветно да го уреди.

*Градби за кои не е потребно одобрение за градење

Одобрение за градење не е потребно за следниве градби:

– мерни станици за заштита на медиумите на животната средина,

– привремени градби наменети за истражувачки дејности (градби за вршење истражувачки мерења, природни ресурси, мерни станици за ветер, сонце, воздух, бушотини, ископи и слично) кога постои одлука на надлежен орган, за периодот од најмногу три години, по кој период треба да се отстранат,

– градби во функција на градобијна одбрана и градба за сигнализација во воздушниот сообраќај,

– некатегоризиран пат кој служи за стопанисување со шуми и користење на други природни ресурси одобрени со посебен пропис,

– споменици, спомен обележја и скулптури,

– гробница и споменици на гробни места во рамките на гробиштата утврдени со урбанистички план,

– градби со кои се овозможува и олеснува движењето на лица со инвалидност до и во градбата,
– при вградување и замена на опрема во градба која е во употреба заради проширување на капацитетот на градбата, а со која не се менува намената на градбата и просторијата во која е сместена опремата, нити се менуваат општите услови за заштита и спасување предвидени со основниот проект за градбата – телекомуникациска опрема за интерен пренос на говор и слика, опрема во функција на заштита на градбата од кражби, заштита и спасување,

– огради,

– електронска комуникакциска опрема за пренос на слика, говор и други податоци која се поставува на објекти за кои е издадено одобрение за употреба;

– рекламни и информативни паноа кои се поставуваат на објекти;

– потпорни ѕидови;

– помошни градби кои се во функација на објект за домување или друг вид на објект и се градат на иста урбанистичка парцела (гаража со бруто развиена површина до 50 м2, остава, септичка јама и слично);

– настрешници во функција на објект,

– базени на ниво на терен за индивидуална употреба,

– привремени градби за потреби на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони кои се градат во рамки на технолошките индустриски развојни зони,

– отворени и затворени спортски игралишта,

– спортски сали со бруто развиена површина до 1500 м2,

– мерни и разводни ормари за електрична енергија и нисконапонските кабли,

– оптички кабли, оптички кабли со кабелска канализација и кабелска канализација за оптички кабли,

– привремени градби за сместување на работници при изградба на индустриски објекти и линиски инфраструктурни објекти,

– подземни садови за комунален отпад,

– придружни објекти на гробишта (мртовечница, крематориум, посебни објекти за согорување на отпадоци и друг отпаден материјал од гробиштата, санитарни објекти, бунари со индустриска вода и продавници за продажба на свеќи и цвеќе),

– железнички станици чија изградба е финансирана со средства од Европската унија или друга меѓународна организација,

– опрема за автоматско регулирање на премин преку постојни железнички пруги и инсталации за автоматско следење и управување на сообраќајот на постојни железнички пруги,

– фото-напонски панели за производство на електрична енергија со максимален инсталиран капацитет до 1МW кои се поставуваат на објекти,

– електронски информативни и рекламни паноа (со површина над 30 м2 и со конструктивни елементи) кои се поставуваат на јавни површини,

– плажи со придружни објекти кои се градат на копнена и на водена површина, во рамки на простор предвиден за плажа,

– пешачки патеки,

– подземни бунари со линиски системи кои се во фукција на бунарите; и

– електронска комуникациска опрема за следење и регулирање на сообраќајот на постојни улици.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Остави Коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *