РАБОТНА ДОЗВОЛА И ДОЗВОЛИ ЗА ПРИВРЕМЕН И ПОСТОЈАН ПРЕСТОЈ ЗА СТРАНЦИ ВО РМ

Работна дозвола е документ врз основа на кој домашниот или странскиот работодавач склучува договор за вработување со странец, согласно со одредбите од Законот за вработување на странци. Работната дозвола може да се издаде за определен временски период до една година (Работна дозвола која се издава за определен временски период до една година е обновлив или постојан облик на работна дозвола, која во текот на својата важност му овозможува на странецот слободен пристап до пазарот на трудот) или на неопределено време (барање за работна дозвола со важност за неодредено време може да се поднесе од страна на странец кој поседува дозвола за постојан престој во Република Македонија и лице со признат статус на бегалец). Суштествен елемент за вработување, самовработување или работење во Република Македонија од страна на странец е поседување на дозвола за привремен престој заради работа издадена од Министерството за внатрешни работи или дозвола за работа издадена од Агенцијата за вработување на Република Македонија и регулиран престој по друг основ во Република Македонија. Работодавачите кои засноваат работен однос со странецот имаат обврска да го регистрираат почетокот и престанокот на работата вршена од странци.

Воедно, во постапката за стекнување на дозвола за привремен престој заради работа согласно со закон, Агенцијата за вработување на Република Македонија издава мислење врз основ на  исполнетост на квотата која важи за вработување на странци во Република Македонија; и извршената проверка дали вработувањето на странецот нема негативни влијанија на пазарот на трудот, особено врз домашната состојба на невработеност, структурата на вработеноста или потребите за создавање на нови работни места. Кон барањето за издавање на мислење за вработување или самовработување на странец се приложуваат следните документи:

1) докази за исполнување на условите на работодавачот:
– доказ за регистрација односно упис во Централниот регистар на Република Македонија,
– образложение за потребите за вработување на странец,
2) докази за исполнување на условите на странецот:
– документ со кој се докажува идентитетот на странецот,
– доказ за соодветно образование, стручна оспособеност, препораки, сертификати издени од надлежен орган од матичната држава или референци за реализирани соодветни обуки во струката,
– документ од надлежен орган на Република Македонија за исполнување на посебните услови при вработување, утврдени со закон;

а кон барањето за издавање на мислење за работа на странец, вработен во странска компанија упатен во Република Македонија заради давање на услуга од странско трговско друштво кое ги дава услугите во свое име и за своја сметка врз основа на склучен договор со клиент од Република Македонија, се приложува:

– доказ за соодветна регистрација како правни субјекти на двете договорни страни,

– документ со кој се докажува идентитетот на упатениот работник,

– доказ дека упатениот работник најмалку една година е во работен однос и е пријавен во задолжително социјално осигурување од страна на странскиот работодавач,

– договор за вршење на услуги за клиентот, кој има регистрирана дејност во Република Македонија,

– термински план за извршување на работата.

Решение  за издавање на работните дозволи и продолжување на работните дозволи донесува Агенцијата за вработување. Решението се донесува во рок од пет работни дена од денот на поднесувањето на барањето со потребната документација. Против решението на Агенцијата за вработување, како првостепен орган со кое се одбива барањето на странецот за работна дозвола, странецот има право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до министерството за труд и социјална политика.

Барање за работна дозвола може да поднесе странец кој го има регулирано престојот во Република Македонија по друг основ, во Агенцијата за вработување или во други простории определени од Агенцијата за вработување. Барањето потребно е да содржи податоци за странецот, неговата квалификациона структура (специјалноста на работникот) и податоци за кој вид на работа сака да се ангажира. За барање поднесено до Агенцијата за вработување не е потребно да се обезбеди мислење од Министерството за внатрешни работи, доколку странецот претходно го има регулирано својот престој во Република Македонија по друг основ.

Работна дозвола може да се издаде и на:

1) член на потесното семејството на државјани на Република Македонија (брачен другар; деца на возраст до 18 години кои не се во брак; деца на брачниот другар на возраст до 18 година кои не се во брак; деца над 18 години кои не се во брак и нивните родители кои државјанин на Република Македонија е должен да ги издржува согласно со законот на државата чиј жител е; деца над 18 години кои не се во брак и родители на брачниот другар кои брачен другар на државјанин на Република Македонија е должен да ги издржува, согласно со законот на државата чиј државјанин е и родители на државјани на Република Македонија до 18 годишна возраст), кој поседува важечка дозвола за привремен престој заради работа;

2) член на потесното семејството на странец (брачен другар; малолетни деца на возраст до 18 години на странецот кои не се во брак; малолетни деца на возраст до 18 години на брачниот другар кои не се во брак; родители на малолетен странец и возрасни деца кои не се во брак и родители на странецот или брачен другар кои странецот или брачниот другар е одговорен да ги издржува, согласно со законот на државата чиј државјанин е), кој поседува работна дозвола за неодреден временски период;

3) странец кој по потекло е од Република Македонија или негов наследник до трето колено, кој нема македонско државјанство;

4) странец кој престојува во Република Македонија врз основ на дозвола за привремен престој заради работа, за семејно обединување;

5) странец барател на правото на азил на кој барањето за признавање на правото на азил не му е решено во период од една година, по истекот на периодот од една година (дозволата за работа се издава на три месеци со можност за продолжување);

6) странец со признат статус на бегалец;

7) странец под супсидијарна заштита;

8) странец под привремена заштита; и

9) на жртви на трговија со луѓе кои имаат стекнато дозвола за привремен престој заради работа поради хуманитарни причини за временскиот период на валидноста на дозволата за привремен престој.

Работната дозвола ќе престане да важи:

1) со истекот на рокот на важноста на работната дозвола;

2) со престанување на важноста на дозволата за престој;

3) ако странецот се откаже од својата работна дозвола;

4) ако странецот се стекне со државјанство на Република Македонија;

5) во случај на смрт на странецот.

*УСЛУГИ КОИ ГИ ДАВААТ СТРАНЦИТЕ ВРЗ ОСНОВА НА РЕГИСТРАЦИЈА НА РАБОТАТА

               -Креативни услуги од областа на културата
Странците кои самите обезбедуваат креативни услуги од областа на културата како учесници во културни работилници, состаноци, колонии и други културни настани или како известувачи за вакви настани, како креатори и преработувачи од областа на музиката, музички изведби, ора, балет и литературни дела, фотографија, видео, филм и уметност на електронски медиуми, како придружен персонал за инструктори, известување и организациски и технички персонал и како експерти од областа на заштитата на културното наследство, библиотекарство, архиварство и креативната култура, а кои не престојуваат во државата повеќе од седум дена се должни, во зависност од тоа каде ги даваат креативните услуги да добијат претходна согласност од Министерството за култура, Министерството за економија, Агенција за млади и спорт или од единицата на локалната самоуправа на чија територија се одржува културниот настан. Во барањето за согласност кое го доставува организаторот или клиентите на услугата треба да се приложат план и програма на активностите кои странците ќе ги реализираат, листа на претходно реализирани активности и кратка биографија на странците и покана за учество или договор со организаторот или клиентот на услугата. Исклучок претставуваат циркусите и забавните паркови кои за регулирање на својот престој треба да добијат согласност од општината која им одобрила локациско поставување на нејзиното подрачје. Условот за давање на вакви услуги од страна на странци е регистрирање на работата во Агенцијата за вработување. Лицата кои се одговорни за регистрирање на работата во Агенцијата за вработување, се организаторите или клиентите на услугата во местото каде што треба да се даде услугата, или доколку работата се изведува на повеќе локации, на локацијата на седиштето на организаторот или клиентот. За ваквите услуги не е потребна работна дозвола, доколку се даваат неколку пати врз основа на сертификат за регистрација на работата, но најмногу до 30 дена во една календарска година.
  -Услуги за трговски саеми

За странските работници упатени во земјата со цел да се монтира, склопи и изложи опрема и предмети за трговски саеми и изложби во кои учествува нивниот работодавач нема да биде потребно да се добие дозвола за работа, доколку тие ги завршат услугите во рокот кој не го надминува периодот на траење на трговскиот саем. Во ваков случај странскиот работодавач кој ги става своите производи и предмети на излог е должен да ја регистрира работата која ја извршуваат странците во Агенцијата за вработување во местото каде што треба да се даде услугата.

-Kраткотрајни услуги кои се даваат од странци

Дозвола за работа не е потребна во следниве случаи:

1) кога услугите кои ги даваат странските работници кои се поврзани со набавка на стока и склопување на машини, средства и опрема, кога давателот на услуги дава воведни инструкции на персоналот на клиентот и кога услугите се придружени со демонтажа на машините, средствата и опремата;

2) кога за тоа е потребно давање на редовни услуги за одржување, доколку овие услуги се договорени со договорот за купување на машините, средствата или опремата и доколку тие се даваат од страна на работници, вработени кај производителот или од овластен правен субјект од страна на производителот;

3) кога врз основа на договорот за набавка на машини, средства или опрема од странство, добавувачот е во обврска на свој сопствен трошок да ги утврди дефектите во машините, средствата или опремата која е набавена и

4) доколку работата трае најмногу 60 дена и лицето кое е одговорно за регистрација ја регистрира работата која ја извршуваат странците.

Лицето кое е одговорно за регистрација на почетокот на работата на странецот, треба да биде локален клиент за кого странскиот работодавач и неговите работници или странецот како физичко лице даваат услуги.

Овие услуги можат да се даваат неколку пати во текот на годината врз основа на образец за регистрација на работата, но најмногу до 60 дена во една календарска година.

-Работи кои ги вршат странци кои во Република Македонија престојуваат заради студирање

Странците кои престојуваат во Република Македонија заради студирање, можат да вршат краткорочни или помошни работи без дозвола за работа, доколку целокупниот период за вршење на такви работи не е повеќе од 10 работни часа во текот на една недела. Условот за вршење на краткорочни или помошни работи, согласно со ставот на овој член, е регистрирање на работата во Агенцијата за вработување. Лицата кои се одговорни за регистрирање на работата во Агенцијата за вработување се организаторите, клиентите или работодавачот во местото каде што треба да се извршува работата. За периодот на извршување на краткорочните или помошните работи од страна на странски студенти, работодавачот е должен да ги покрие трошоците за нивното социјално осигурување.

-Услуги за итни случаи

Во случај кога на барање на локалниот клиент кој може да биде трговско друштво, државен орган, единици на локалната самоуправа и градот Скопје или овластена организација, потребно е веднаш да се обезбедат услуги од странски давател, со цел да се утврди или спречи економска штета или друга последица која произлегува од природни катастрофи или други несреќи или хаварии, или за изведување на спасувачки операции или мерки кои се потребни да се спречат заканите по здравје на населението или при вонредна дијагностика односно инспекција на воздухоплови, тогаш за странските работници или соодветно квалификуваните странски физички лица, нема да биде потребно да се добие дозвола за работа. За овие случаи, клиентот за кого се наменети услугите треба да ја регистрира услугата во рок од три дена од пристигнувањето на странците во земјата, работата која ја извршуваат странците во Агенцијата за вработување во местото каде што се наоѓа седиштето на клиентот. Давањето на овие понапред наведени услуги не смее да трае подолго од 30 дена. Во случај кога е потребно подолго присуство на странците, клиентот мора да побара дозвола за работа за регистрираните странци, која треба да се издаде без оглед на состојбата и условите на пазарот на работна сила.

* ДОЗВОЛА ЗА ПРИВРЕМЕН ПРЕСТОЈ

Дозвола за привремен престој мора да има странец кој има намера да престојува во Република Македонија подолго од три месеца или од следните причини:
– работа;
– школување или студирање,
– учество во програми на меѓународна размена на ученици или студенти,
– специјализација, стручно усовршување или практично оспособување,
– научно истражување,
– сместување во установи за сместување на стари лица,
– лекување,
– семејно обединување или
– хуманитарни причини.

Дозволата за привремен престој, освен дозволата за работа, може да се издаде и на:

– странец кој е член на потесното семејство на државјанин на Република Македонија,

– странец кој по потекло е од Република Македонија,

– дете на странец родено во Република Македонија или

– странец резидент на држава членка на Европската унија и на Организацијата за економска соработка и развој (во натамошниот текст: ОЕЦД), кој стекнал право на сопственост на стан, станбена зграда и куќа на територијата за Република Македонија под услови утврдени со закон, во износ од најмалку 40.000 евра.

Странецот на кого му е дозволен привремен престој за одредена цел, може да престојува во Република Македонија само во согласност со целта заради која му е дозволен престојот.

            *Услови за издавање на дозвола за привремен престој

На странец може да му се издаде дозвола за привремен престој во Република Македонија, ако:

– има средства за издржување, односно издржувањето му е обезбедено на друг законски начин,

– има обезбедено сместување или има средства за сместување,

– има здравствено осигурување,

– ги исполнува условите предвидени за одделни видови на дозволи за привремен престој и

– не постојат причини за одбивање на влез.

Странец, кој е на возраст до 18 години живот, а кој има намера во Република Македонија да престојува без придружба на родител, односно старател покрај понапред наведените услови мора да приложи и заверено одобрение од родителите, односно од старателот за престој во Република Македонија.

Имено, дозвола за привремен престој се издава врз основа на барање на странецот кој има намера да престојува во Република Македонија, кое се поднесува до дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија во странство или до надворешни даватели на услуги, а по исклучок, од хуманитарни причини како и во други случаи утврдени со овој закон, барањето за издавање на дозвола за привремен престој може да се поднесе и до Министерството за внатрешни работи. Кон барањето странецот приложува и:

– докази (податоци) дека има средства за издржување, односно издржувањето му е обезбедено на друг законски начин;

– докази за обезбедено сместување или дека има средства за сместување;

– докази за здравствено осигурување;

– докази дека ги исполнува условите за дозвола за привремен престој заради различни причини согласно закон;

– важечка и призната патна исправа или заверен препис од истата чиј рок на важење е најмалку три месеци подолг од планираниот престој во Република Македонија;

– доказ за неосудуваност;

– доказ дека не се води кривична постапка против странецот во државата чиј државјанин е или во државата во која престојува и од која го поднесува барањето за издавање на дозвола за престој и

– една фотографија со димензии 3 х 3,5 цм.

* Средства за издржување потребни за издавање на дозвола за привремен престој,  претставуваат: потврда за состојбата на банковната сметка на странецот во Република Македонија или во странска банка; потврда од надлежен орган или од правно лице за висината на платата или стипендијата на странецот, како и друга исправа со која несомнено се докажува постоењето на средства потребни за издржување.

* Доказ за обезбедено сместување потребно за издавање на дозвола за привремен престој, во смисла на овој правилник претставува поседување на недвижен имот на територијата на Република Македонија согласно закон, нотарски заверен договор за закуп на стан, како и постоење на финансиски средства кои ќе овозможат соодветно сместување во Република Македонија.

* Доказ дека странецот поседува здравствено осигурување потребно за издавање на дозвола за привремен престој, во смисла на овој правилник, претставува копија од здравствена легитимација, како и потврда од здравствената установа каде се лечи странецот.

За барањето на странецот за издавање на дозвола за привремен престој во Република Македонија одлучува Министерството за внатрешни работи со решение, а решението му се доставува на странецот преку дипломатско- конзуларното претставништво на Република Македонија во странство каде што странецот го поднел барањето. Во случај кога странецот ги исполнува условите за издавање на дозвола за привремен престој утврдени со овој закон, Министерството за внатрешни работи донесува решение со кое на странецот му се дозволува привремен престој, во рок од 30 дена, а на странецот, на кој му е издадено решение по неговото влегување во Република Македонија, Министерството за внатрешни работи му издава дозвола за привремен престој. Странецот мора да има решение со кое му се дозволува привремен престој во Република Македонија пред неговото прво влегување во Република Македонија по тој основ.

Имено, дозвола за привремен престој заради работа, се издава врз основа на барање на странецот, правното лице со кое странецот треба да склучи договор за вработување или од него овластен претставник, кое може да се поднесе и во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Дозволата за привремен престој заради работа може да се издаде на странец, само доколку Агенцијата за вработување на Република Македонија издаде позитивно мислење дека странецот ги исполнува условите согласно со закон, доколку со ратификуван меѓународен договор поинаку не е определено. Странецот на кој му е издадена дозвола за привремен престој заради работа во Република Македонија може да ја врши само работата за која му е издадена дозволата.

* ДОЗВОЛА ЗА ПОСТОЈАН ПРЕСТОЈ

Дозвола за постојан престој може да се издаде на странец кој најмалку пет години пред поднесувањето на барањето за издавање на дозвола за постојан престој непрекинато престојувал на територијата на Република Македонија врз основа на дозвола за привремен престој. Условот за пет години непрекинат престој во Република Македонија се смета дека е исполнет ако странецот во периодот од пет години пред поднесување на барањето за постојан престој не престојувал надвор од Република Македонија шест последователни месеци или во временски период што во вкупно траење не надминува десет месеца.

Дозвола за постојан престој нема да се издаде на странец кој престојувал во Република Македонија:

– врз основа на дозвола за привремен престој, заради школување или студирање,

– врз основа на дозвола за привремен престој заради учество во програми на меѓународна размена на ученици или студенти,

– врз основа на дозвола за привремен престој заради специјализација, стручно усовршување или практично оспособување,

– врз основа на дозвола за привремен престој заради научно истражување,

– врз основа на дозвола за привремен престој заради лекување,

– врз основа на дозвола за престој поради хуманитарни причини,

– врз основа на привремена заштита,

– како признаен бегалец или кој поднел барање за признавање право на азил, а за чие барање во постапка определена со закон не е донесена конечна одлука и

– врз основа на законски статус регулиран со Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, Виенската конвенција за конзуларни односи од 1963 година или Виенската конвенција за претставување на државите во нивните односи со меѓународните организации од универзален карактер.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *