РЕЗИДЕНТИТЕ НА РСМ МОЖАТ ДА ВЛОЖУВААТ ВО НЕДВИЖНОСТИ И ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ ВО СТРАНСТВО

На ден 04 декември 2018 година е донесена Одлуката за премин во втора етапа на спогодбата за Стабилизација и Асоцијација меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија и нејзините земји членки и истата е објавена од Министерството за Надворешни Работи во Службен весник број 17/19 од 25.01.2019 година.

Согласно член 59 од Законот за девизното работење: По истекот на првата етапа од Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската унија, одредбите на член 11 став 1, член 13 став 2, член 14 ставови 4, 5, 6 и 7 и член 15 став 3 од овој закон, ќе престанат да важат“; што значи дека со преминот во втора етапа, РЕЗИДЕНТИТЕ на Република Северна Македонија веќе можат да вложуваат, односно да купуваат недвижности во странство и можат да купуваат, односно да вршат упис, да уплатуваат и да тргуваат со хартии од вредност во странство.

Согласно Законот за девизното работење, резиденти се: 

1) трговски друштва, трговци поединци и други правни лица со седиште во Република Македонија и нивни претставништва во странство, освен нивни подружници во странство; 

2) подружници на странски друштва запишани во трговски регистар во Република Македонија; 

3) филијали на странски банки; 

4) физички лица кои самостојно вршат дејност како занимање со постојано место на живеење во Република Македонија и кои не се третираат за трговци според Законот за трговските друштва; 

5) физички лица со постојано место на живеење во Република Македонија и лицата кои привремено престојуваат во странство со важечки документ за престој или за работа, за време на нивниот престој во странство. 

6) физички лица кои привремено престојуваат во Република Македонија врз основа на важечка виза за престој, односно работна виза во траење од најмалку шест месеци и

 7) дипломатски, конзуларни и други претставништва на Република Македонија во странство кои се финансираат од Буџетот на Република Македонија, како и вработените во тие претставништва и членовите на нивните потесни семејства.

Oна што е исто така важно да се напомене е дека резидентите, кои вложиле средства за стекнување сопственост на недвижност во странство, имаат обврска во рок од 60 дена од денот на настанување на правната основа за стекнување на недвижноста да го пријават вложувањето и сите натамошни измени на вложувањето во Централниот регистар.

Воедно, појаснуваме и дека уписот, уплатувањето и тргувањето со хартии од вредност во странство, резидентите можат да го вршат само преку брокерски куќи и банки кои имаат добиено одобрение за работа согласно со Законот за хартии од вредност на пазарот на хартии од вредност или преку овластен учесник на странска берза или организиран пазар на хартии од вредност. Овластениот учесник (броќерските куќи и банките) е должен за сите вложувања на резидентите во хартии од вредност во странство, како и за измена на овие вложувања, вклучувајќи и нивно отуѓување редовно да доставува извештај до Народната банка на Република Македонија, а доколку резидентот врши упис, уплатува или тргува со хартии од вредност во странство преку овластен учесник на странска берза или организиран пазар на хартии од вредност, е должен да го доставува овој извештај лично до Народната банка на Република Македонија.

Укажуваме дека забраната за отворање сметки на резидентите на Република Северна Македонија во странски банки и натаму останува во примена, освен во случаите предвидени со Одлуката за начинот и условите под кои резидентите кои не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство, која можете да ја најдете на следната страна: http://nbrm.mk/ns-newsarticle-odluka-za-nacinot-i-uslovite-pod-koi-rezidentite-koisto-ne-se-ovlasteni-banki-mozat-da-otvoraat-i-da-imaat-smetki-vo-stranstvo.nspx.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *