СТАНДАРДИ ЗА ГРАДЕЊЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Поимот градење македонското законодавство е дефиниран како изведување на претходни работи, изработка на проектна документација, вршење на подготвителни работи, изградба на нова градба, доградба и надградба на постојна градба, реконструкција и адаптација на постојната градба што опфаќа земјени работи, изведување на градежна конструкција, вршење на градежно-инсталатерски работи и градежно-завршни работи, вградување постројки или опрема и други работи со кои се оформува целината на градбата; додека пак градба е се што настанало со изградба и е поврзано со земјиштето, а претставува физичка, техничко-технолошка и градежна целина заедно со изградените инсталации, односно опрема.

Секоја градба, зависно од намената, треба да ги исполни основните барања за градбата предвидени со параметрите од урбанистичкиот план или државната, односно локалната урбанистичка планска документација или проектот за инфраструктура и други услови пропишани со Законот за градење и посебните закони. Основните барања за градбата се однесуваат на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита, заштита од пожар, санитарна и здравствена заштита, заштита на работната и животната средина, заштита од бучава, сигурност во употребувањето, ефикасно користење на енергијата и топлинската заштита, непречен пристап и движење до и во градбата и техничките својства на градежните производи што се користат за изградба.

* Механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита

Градбата треба да е проектирана и изведена на таков начин што во текот на градежните работи и во текот на употребата нема да дојде до нарушување на механичката отпорност, стабилност и сеизмичката заштита, а особено до:

– уривање на целата или дел од градбата,

– оштетување на делови од градбата, темелната основа или опремата како резултат на големи деформации на носивата конструкција на градбата и

– несразмерно големи деформации и оштетувања во однос на причината од која настанале.

За утврдување на исполнетоста на условите за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита, потребно е да се обезбеди позитивно мислење за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сезимичка заштита на градбата, од страна на субјект кој врши научноистражувачка дејност – научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија.

Мислењето за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата се обезбедува само за градбите за кои согласно прописите за проектирање, основниот проект треба да содржи градежно конструктивен проект. Мислењето за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сезимичка заштита на градбата се однесува на градежно-конструктивниот проект кој е составен дел на основниот проект и се приложува од страна на инвеститорот со барањето за добивање на одобрение за градење. Имено, субјектот кој врши научноистражувачка дејност – научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија е должен мислењето за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сезимичка заштита на градби со бруто развиена површина до 5.000 м2 да му го издаде на инвеститорот во рок од 15 дена од приемот на барањето, односно во рок од 30 дена за градби со бруто развиена површина над 5.000 м2 и за линиски инфраструктурни објекти, во спротивно се смета дека мислењето е позитивно, а ако во иднина поради не постапувањето настанат штети, обврската за надомест на штета ќе биде на товар на субјектот кој врши научноистражувачка дејност. Ваквото мислење за изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сезимичка заштита на градбата се обезбедува од страна на изведувачот во текот на изградбата и по изградба на целиот конструктивен систем на градбата. Доколку по завршувањето со изградбата и ставањето во употреба на градбата дојде до оштетување на градбата поради не исполнетост на условите за механичка отпорност, стабилност и сезимичка заштита на градбата, обврската за надомест на штета ќе биде на товар на субјектот кој врши научноистражувачка дејност.

Имено, за градби наменети за индивидуално домување со бруто развиена површина до 300 м2 не е задолжително мислење за изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сезимичка заштита на градбата.

*Заштита од пожар

 Градбата треба да е проектирана и изведена на таков начин што во случај на пожар може:
– да се сочува носечкиот систем на конструкцијата за одреден временски период,

– да се спречи ширењето на пожарот и чадот во градбата,

– да се спречи ширењето на пожарот на соседните градби,

– да овозможи лицата неповредени да ја напуштат градбата, односно да овозможи нивно спасување и

– да овозможи заштита на спасувачките тимови.

*Хигиена, здравје и заштита на работната и животната средина

Градбата треба да биде проектирана и изведена така што да не ја загрозува хигиената и здравјето на луѓето, работната и животната средина, особено како резултат на:

– испуштање на опасни супстанции,

– присуство на опасни честици или гасови во воздухот,

– емисија на опасно зрачење,

– загадување или труење на водата и почвата,

– несоодветно отстранување на отпадни води, чад, цврст или течен отпад и

– присуство на влага на делови од градбата.

Имено, градежните производи и опремата при изградбата треба да се изведат, вградат, поврзат и одржуваат така што под дејство на хемиските, физичките и другите влијанија да не може да дојде до опасност, попречување, штета или недозволени оштетувања во текот на употребата на градбата.

*Сигурност при употребување

 

Градбата треба да биде проектирана и изведена на таков начин што при употребата и одржувањето да се избегнат можните повреди на лица кои можат да настанат од лизгање, паѓање, удирање, изгореница, струен удар и експлозија и од други случаи кои можат да ја загрозат безбедноста во градбата.

*Заштита од бучава

 

Проектирањето, изведувањето и употребата на градбите, вградените постројки и опремата треба да овозможи бучавата во и надвор од градбата да биде во границите пропишани со Законот за заштита од бучава во животната средина и правилниците што произлегуваат од него.

*Ефикасно користење на енергија и топлинска заштита

 

Градбата и нејзините уреди за греење, ладење и проветрување треба да бидат проектирани и изведени на таков начин што во зависност од климатските услови на локацијата ќе обезбедат потрошувачката на енергија во текот на нејзиното употребување да биде еднаква или пониска од пропишаното ниво, како и да ги исполнат барањата за енергетска ефикасност пропишани со прописите кои ја регулираат оваа материја. (КОНСУЛТИРАЈТЕ СЕ ЗА МИНИМАЛНИ БАРАЊА ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ)

*Отстапување од основните барања за градбата

 

Во случај на реконструкција или адаптација на градба запишана во Националниот регистар на културно наследство, со кои на лица со инвалидност им се овозможува непречен пристап, движење, престој и работа, може да се отстапи од некои основни барања за градбата заради овозможување на непречен пристап, движење, престој и работа, по добиено позитивно мислење од Министерството за труд и социјална политика и прибавена согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на културата.

 

* Непречен пристап и движење до и во градбата

 

Градба со јавни и деловни намени, градби со намена домување во станбени згради како и градби со станбено-деловна намена, мора да биде проектирана и изградена така што на лицата со инвалидност ќе им се овозможи непречен пристап, движење, престој и работа до и во градбата. Градба со намена домување во станбени згради како и градба со станбено-деловна намена, со десет и повеќе станови, треба да биде проектирана и изградена така што да биде приспособена за пристап, движење, престој и работа на лица со инвалидност, во најмалку еден стан на секои десет стана, но не во повеќе од четири стана, а најмалку 3% од вкупниот број на местата за паркирање во паркинг просторот на овие градби треба да бидат наменети за лица со инвалидност и треба да бидат обележани со соодетна хоризонтална и вертикална сигнализација. При изградба на нови како и при реконструкција на постоечки јавни површини-пешачки патеки во централно градско јадро и во паркови, јавната површина-пешачка патека треба да биде проектирана и изведена така што истата ќе има и патека за движење на лица со телесен хендикеп и лица со оштетен вид.

* Приклучок за гасоводна инфрастуктура

 

Градба која се наоѓа во граница на плански опфат на генерален урбанистички план треба да биде проектирана и изведена така што ќе има приклучок за гасоводна инфраструктура.

*Простор за велосипеди

Градба со јавна намена треба да биде проектирана и изведена така што ќе има обезбедено паркинг простор за велосипеди во функција на објектот.

 

*Физичка инфраструктура за обезбедување на електронски комуникациски мрежи за пренос со големи брзини

 

Градба со деловна намена и градба со намена домување во станбени згради, мора да биде проектирана и изградена на начин што ќе содржи точка на концентрација лоцирана внатре или надвор од зградата, која ќе биде пристапна за оператори со цел на истите да им се овозможи пристап до физичката инфраструктура во зграда за големи брзини.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *