ЈАВНО – ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО

Јавното – приватно партнерство во Република Македонија е регулирано со Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, а ваквото партнерство се воспоставува со договор.

Имено, согласно Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, јавно приватно партнерство значи форма на договорно регулирана, долгорочна соработка меѓу јавниот партнер и приватниот партнер, која се карактеризира со следново:

а) приватниот партнер ја презема обврската да обезбеди јавна услуга за крајните корисници во области од надлежност на јавниот партнер и/или обврската да обезбеди за јавниот партнер неопходни предуслови за давање на јавна услуга на крајните корисници и/или активности од негова надлежност;

б) со цел за исполнување на обврските од точката а), приватниот партнер може да преземе обврска да:

– финансира, дизајнира, изгради и/или реконструира/реновира објект на јавна инфраструктура, работи и одржува нов објект и/или реконструиран/реновиран објект на јавна инфраструктура или

– користи, управува и одржува постоен објект на јавна инфраструктура или

– која било комбинација на горе наведените обврски се додека комбинацијата на тие обврски е со цел за исполнување на целите поставени во точката а);

в) при преземање на обврската од точките а) и б), приватниот партнер вообичаено презема значаен дел од ризиците поврзани со финансирање, изградба, побарувачка и/или достапност и други такви дејствија, управување, одржување и технички ризици, зависно од договореното при воспоставување на јавното приватно партнерство и се определува од случај до случај;

г) секој партнер во јавно приватно партнерство за времетраење на јавното приватно партнерство ќе преземе одговорност за ризични настани кои се во негова сфера на влијание, или одговорноста се дели со цел за постигнување на оптимално управување на ризикот за времетраењето на партнерството, меѓу другото, со користење на управувачки, технички, финансиски и иновациски способности на приватниот партнер и со промовирање на размена на вештини и знаење – искуство меѓу јавниот и приватниот партнер, без истото да е во спротивност со точката в);

д) во замена за преземените обврски јавниот партнер може да додели на приватниот партнер концесија за јавна работа или концесија за јавна услуга, или да му надоместипреку плаќање;

ѓ) јавниот партнер, исто така, може да му овозможи на приватниот партнер да изведе одредени комерцијални економски активности, покрај обврските од точките а) и б), утврдени во договорот, но само ако не постои друг можен начин да се обезбеди неопходно ниво на ценовна ефикасност на приватното учество и разумен поврат на инвестицијата и

е) јавниот партнер може да пренесе одредени стварни права на приватниот партнер, неопходни за извршување на договорно поставените обврски.

Зависно од намената на средствата за надоместување од страна на јавниот партнер за обезбедување на јавна работа и/или јавна услуги, како и распределбата на клучните постојни ризици, јавното приватно партнерство може да се воспостави како:

1) концесија за јавна работа или

2) концесија за јавна услуга или

3) договор за јавна набавка на работа или

4) договор за јавна набавка на услуга.

Во Република Македонија јавно – приватно партнерство најчесто се остварува во обезбедувањето на различни видови на јавни услуги и инфраструктурни проекти, како што се транспортот (патишта, железници, аеродроми), телекомуникациите, снабдувањето со вода за пиење и третманот на отпадните води, управувањето со отпад, здравството, објектите наменети за образование (школи, интернати), социјалната заштита и заштитата на животната средина.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *