ОСНОВАЊЕ НА ДРУШТВО СО ОГРАНИЧЕНА ОДГОВОРНОСТ

Друштво со ограничена одговорност се основа со основна главнина од најмалку 5.000 ЕУР во денарска противвредност според среден курс на НБРМ на денот на уплатата и тоа преку парични или непарични влогови на содружниците. При вршење на дејноста преку друштво со ограничена одговорност, содружниците на друштвото не одговараат за обврските на друштвото.

Имено, друштво со ограничена одговорност може да биде основано од едно или од повеќе физички и правни лица, но најмногу од 50 содружници. Друштвото со ограничена одговорност се основа со договор за друштвото што го склучуваат сите основачи во писмена форма или во електронска форма (доколку друштвото го основа едно лице договорот за друштвото се заменува со изјава на основачот за основање на друштвото со ограничена одговорност), во писмена форма или во електронска форма потпишана со електронски потпис согласно со Системот за е-регистрација. Договорот за друштвото, односно изјавата за основање на друштвото во писмена форма, се заверува со потписи на содружниците со електронски потпис на регистрацискиот агент, или во електронска форма се потпишува со електронски потпис на содружниците на друштвото преку Системот за е-регистрација. Основачите го склучуваат договорот за друштвото лично или преку полномошник, кој мора да има полномошно заверено кај нотар, освен во случај кога полномошното е потпишано со електронски потпис согласно со Системот за е-регистрација. Полномошно не е потребно ако застапникот на основачот врз основа на закон е овластен за него да го склучи договорот за друштвото, односно да даде изјава за основање на друштвото.

Договорот за друштвото, односно изјавата за основање на друштвото мора да ги содржи:
1) името и презимето, ЕМБГ, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта ако содружникот е странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот важечка во неговата земја и неговото државјанство како и местото на живеење, односно фирмата, седиштето, ЕМБС, ако содружникот е правно лице;

2) фирмата и седиштето на друштвото;

3) предметот на работење на друштвото;

4) времетраењето на друштвото;

5) износот на основната главнина и износот на влогот на секој содружник одделно, а ако влогот е непаричен – подробен опис и назначување на неговата вредност;

6) начинот и времето на уплата на паричните влогови што не се уплатуваат во целост;
7) името и презимето, ЕМБГ на управителот, односно управителите (во натамошниот текст: управител), бројот на пасошот, односно бројот на личната карта за странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот важечка во неговата земја и неговото државјанство како и местото на живеење;

8) застапувањето на друштвото;

9) правата и обврските што содружниците ги имаат спрема друштвото, покрај уплата на своите влогови, како и правата и обврските коишто ги има друштвото спрема основачите;

10) начинот и мерилата на распределба на добивката и начинот на покривање на загубата;
11) управувањето на друштвото и

12) престанување на друштвото.

Основањето на друштвото се запишува во трговскиот регистар (Централен Регистар на РМ), а пријавата за упис на основањето на друштвото ја поднесува управителот, преку Регистрациониот Агент.

Кон пријавата за упис на основањето на друштвото се приложуваат:

1) договорот за друштвото, односно изјавата за основање на друштвото, со сите прилози вклучувајќи го и полномошното за полномошникот;

2) копија од пасош или од лична карта ако основач е физичко лице или од друга исправа за утврдување на идентитетот важечка во неговата земја, односно доказ за регистрација ако основач е правно лице;

3) ако се внесуваат непарични влогови – договорите со коишто тие се утврдуваат и спроведуваат, извештајот на проценувачот, освен кога не се врши процена и доказ за сопственост во којшто е извршена прибелешка во јавна книга за евиденција на недвижни ствари, а ако се внесува подвижна ствар за којашто со закон е определена обврска за евиденција (регистар) доказ за сопственост над подвижната ствар, а доколку се вложуваат хартии од вредност во трговскиот регистар се доставува доказ за сопственост на тие хартии од вредност со прибелешка дека истите се вложуваат во трговско друштво и дека сопственикот не може да располага со истите. За таа цел, сопственикот на хартиите од вредност до Централниот депозитар за хартии од вредност доставува изјава заверена на нотар дека хартиите од вредност се вложени во трговско друштво и дека е согласен над истите да биде евидентирано ограничување за располагањето се до пренесувањето на истите на трговското друштво.
4) одлуката за избор на управител, ако не е назначен со договорот за друштвото, во којашто се наведуваат името и презимето, ЕМБГ, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта за странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење;
5) изјава на секој управител на друштвото дека го прифаќа изборот, а ако со договорот за друштвото е определено дека друштво коешто има повеќе од еден управител ќе го застапува само еден од управителите, заедно или без прокурист, и изјава дека се прифаќа застапувањето на друштвото на начинот определен во договорот за друштвото;

6) одлуката за избор на членовите на надзорниот одбор, односно на контролорот, ако друштвото има орган на надзор, во којашто се наведени името и презимето, ЕМБГ, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта за странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење;

7) доказ за сопственост во којшто е извршена прибелешка во јавна книга за евиденција на недвижни ствари, а ако се внесува подвижна ствар за којашто со закон е определена обврска за евиденција (регистар) доказ за сопственост над подвижната ствар;
8) дозвола или друг акт на државен орган или на друг надлежен орган ако таа обврска е определена со закон за упис на друштвото во трговскиот регистар; 
9) изјава од застапникот по закон на правно лице, односно изјава од физичко лице, дека не постои пречка за да биде основач на друштвото;

10) изјава, во согласност со членот 32 од Законот за трговските друштва, односно дека друштвото го основале во согласност со закон и дека податоците содржани во прилозите (исправите и доказите) коишто ги поднесуваат кон пријавата за упис на основањето во трговскиот регистар се вистинити и се во согласност со закон; и

11) заверен потпис на нотар на ЗП образец од управителот, односно лицата кои според договорот за друштвото, се овластени за застапување.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *