ЕКОНОМСКИ МЕРКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ЗДРАВСТВЕНО – ЕКОНОМСКАТА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД ВИРУСОТ COVID-19 ЗА МЕСЕЦИТЕ МАЈ И АПРИЛ 2020

1. MEРКА: Финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено – економската криза од вирусот COVID- 19 за исплата на плата за месеците април и мај – 2020 година

Предмет на финансиска поддршка е исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, согласно со работното време на кое е пријавен работникот, намалено за работното време за кое се остварува надоместок на плата кој не паѓа на товар на работодавачот.

УСЛОВИ кои треба да ги исполнува работодавачот – барател на финансиска поддршка за користење на мерката:

a) намалувањето на вкупните приходи на работодавачот-барател на финансиска поддршка во месец април 2020 година или во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени во 2019 година, а за работодавач-барател на финансиска поддршка кој е запишан во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот-барател на финансиска поддршка кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од 4 месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите 4 месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%;

б) работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, сметано од 07.04.2020 година до денот исплатата на платата за месец мај 2020 година и

в) најмногу 10% од вкупниот број на вработени кај работодавачот – барател на финансиска поддршка да имаат поединечна месечна нето плата над 120.000 денари месечно по вработен, за месецот за кој се бара финансиска поддршка. Така доколку работодавачот-барател на финансиска поддршка кој на повеќе од 10% од вкупниот број вработени им исплатува поединечна нето плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиска поддршка не ги исполнува условите.

ОГРАНИЧУВАЊЕ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ОПРЕДЕЛЕНИ РАБОТНИЦИ, ОДНОСНО ЗА КОИ РАБОТНИЦИ НЕ МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТИ ОВАА МЕРКА ОД СТРАНА НА РАБОТОДАВАЧОТ:

а) за работникот кој, за периодот декември 2019 година, јануари 2020 година и февруари 2020 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време;

б) за работникот кој, работодавачот користи субвенционирање согласно со Уредбата со Законска сила за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба;

в) за работникот кој, работодавачот користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност за мерките од проектот „Македонија вработува“; и

г) за работникот кој е вработен кај работодавач со дополнителна работа, што значи работник кој што има склучено договор за вработување со неполно работно време за најмногу до 10 работни часа неделно, а во исто време е вработен со полно работно време кај друг работодавач,  согласно членот 121 од Законот за работните односи.

Финансиска поддршка за исплата на плати НЕ МОЖЕ да користат и:

– орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје; и

– приватна агенција за вработување за работник кој е отстапен кај работодавач од Јавниот сектор.

За времетраење на финансиската поддршка согласно со Уредбата за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година и два месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец јули 2020 година), работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите, намален за бројот на вработени заради пензионирање или смрт на работник. Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, вработените на определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.

2. МЕРКА: Финансиска поддршка на физичките лица кои вршат САМОСТОЈНА ДЕЈНОСТ, погодени од здравствено – економската криза од вирусот COVID- предизвикна од COVID 19 за време на вонредна состојба

Согласно Уредбата за финансиска поддршка на физичките лица кои вршат САМОСТОЈНА ДЕЈНОСТ, како физичко лице кое врши самостојна дејност се сметаат трговец поединец, физичко лице кое врши земјоделска дејност, лице кое врши занаетчиска дејност и лице кое врши услуги, кое остварува доход од вршење дејност и е запишано во соодветен регистар.

Предмет на финансиска поддршка е исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во износ од 14.500 денари месечно за физичкото лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка.

УСЛОВИ за користење на мерката:

– намалувањето на вкупните приходи на физичкото лице од вршење на самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, во месец март 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од самостојна дејност во 2019 година;
– за физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка кое е запишано во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи од самостојна дејност, за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од самостојна дејност од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година;
– за физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи од самостојна дејност за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи од самостојна дејност за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%.

Финансиската поддршка не може НЕ МОЖЕ да оствари физичко лице вршител на самостојна дејност кое се оданочува по вистински доход и кое во 2019 година на годишно ниво има остварено нето доход пред оданочување во износ поголем од 478.800 денари, односно физичко лица кое врши самостојна дејност и се оданочува според утврден годишен паушален нето доход и кое во 2019 година има утврден годишен паушален нето доход поголем од 478.800 денари.

За времетраење на оваа финансиска поддршка и четири месеци по престанувањето на важењето на Уредбата за финансиска поддршка на физичките лица кои вршат САМОСТОЈНА ДЕЈНОСТ, физичкото лице кое врши самостојна дејност – корисник на финансиска поддршка не може да престане со вршење на дејноста, освен во случај на пензионирање и смрт на физичкото лице.

3. МЕРКА: Покривање на 50% од придонесите на платите на своите вработени – Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба

Со оваа мерка се субвенционира на работодавачите, износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување во висина од 50% од пресметаните придонеси од задолжително социјално осигурување од страна на обврзникот за секој осигуреник за месеците април, мај и јуни 2020 година, но најмногу до 50% од придонесите од задолжително социјално осигурување пресметани на просечната бруто плата по работник во Република Северна Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика објавена за месец јануари 2020 година, односно најмногу 5.135,оо денари по работник во еден месец.

За користење на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, работодавачот треба да ги исполни следните УСЛОВИ:

а) намалувањето на вкупните приходи во месец април 2020 година, во месец мај 2020 или во месец јуни 2020 година, да изнесува повеќе од 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени во 2019 година, а за работодавач кој е запишан во соодветен регистар (основан) по месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година, месец мај 2020 и месец јуни 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%;

б) бројот на вработени кај работодавачот кој побарува финансиска поддршка, земајќи ги во предвид и вработените преку приватна агенција за вработување, да не е намален за месец април, мај и јуни 2020 година во однос на бројот на вработени со состојба на 31 март 2020 година, освен во случај на пензионирање или смрт; и

в) да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот, од денот на влегувањето во сила на Уредбата – 06.04.2020 година до денот на поднесување на годишна сметка/финансиски извештаи за 2020 година.

ОГРАНИЧУВАЊЕ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА МЕРКАТА ПОКРИВАЊЕ НА 50% ОД ПРИДОНЕСИТЕ НА ПЛАТИТЕ НА СВОИТЕ ВРАБОТЕНИ ЗА ОПРЕДЕЛЕНИ РАБОТНИЦИ:

А) Субвенционирање на износот за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување не може да се оствари доколку работодавачот користи финансиска поддршка заради исплата на нето плата во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник за месеците април и мај 2020 година согласно Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено – економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година;

Б) Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување  не може да се користи истовремено за вработен за кој работодавачот користи субвенционирање согласно Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата;

В) Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, не може да користат и:

–  орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институции кои вршат дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје и

– приватна агенција за вработување за осигуреник кој е отстапен кај обврзник од  Јавниот сектор.

Г) Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување не може да се користи за лицe- работник со дополнително работење со неполно работно време кај друг работодавач, согласно членот 121 од Законот за работните односи.

4. МЕРКА: Ослободување од плаќање на износот на аконтаците на данокот на личен доход:

Обврзниците на данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност, а кои имаат претрпено штети во своето работење заради ширењето на Коронавирусот COVID-19, имаат право на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај – 2020 година.

Користењето на правото на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците април, мај и јуни 2020 година се однесува на обврзниците за данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност, а кои ги вршат дејностите наведени согласно Националната класификација на дејности-НКД Рев.2: Угостителска дејност (шифра 56-дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79-Туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55-Објекти за сместување) и транспорт (шифра 49-Копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50-Воден транспорт и шифра 51- Воздухопловен транспорт) и кои го исполнуваат следниот услов:

– Даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени, сметано од денот на влегувањето во сила на УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОКОТ НА ЛИЧЕН ДОХОД ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА – 26.03.2020 година и три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Исто така правото за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај – 2020 година, се однесува и на други даночни обврзници кои остваруваат доход од самостојна дејнoст, кои имаат претрпено штети во своето работење заради спроведување на мерките за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот COVID-19 на Владата на Република Северна Македонија, доколку исполнуваат еден од следните услови:

– вкупните приходи на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или

– бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките, да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во месец февруари 2020 година, или

– даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

5. МЕРКА: Ослободување од плаќање на износот на аконтаците на данокот на добивка

Обврзниците на данокот на добивка кои имаат претрпено штети во своето работење поради ширење на Коронавирусот COVID-19, имаат право на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај 2020 година.

Користењето на правото од ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај 2020 година се однесува на даночните обврзници кои:

–  Вршат дејности наведени согласно со Националната класификација на дејности – НКД Рев. 2: угостителска дејност (шифра 56-Дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79-Туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55-Објекти за сместување) и транспорт (шифра 49-Копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50-Воден транспорт и шифра 51-Воздухопловен транспорт) и кои ги исполнуваат следните УСЛОВИ:

– да не исплатува дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегувањето во сила УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОКОТ НА ДОБИВКА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА – 26.03.2020 година до денот на траењето на ослободувањето – 15 јуни 2020 година; и

– даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени, сметано од денот на влегувањето во сила на  УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОКОТ НА ДОБИВКА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА – 26.03.2020 година и три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Користењето на правото на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај 2020 година, се однесува и на други даночни обврзници, кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот COVID-19 на Владата на Република Северна Македонија, доколку исполнуваат еден од следните УСЛОВИ:

– вкупните приходи на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година; или

– бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во месец февруари 2020 година; или

– даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

6. МЕРКА: Безкаматни кредити од Развојната банка на РСМ

Развојната банка на РСМ овозможува директна финасиска поддршка на трговски друштва и трговци поединци регистрирани во Република Северна Македонијаод Посебниот кредитен фонд, со намена за обртни средства вклучително и средства за подобрување на ликвидноста на компаниите.

Износ на кредитот:
Максималниот износ на кредитот кој ќе биде одобрен на кредитокорисникот не може да биде повисок од 1.845.000 денари, а минималниот износ на кредитот не може да биде понизок од 184.000 денари и тоа:
• на компании до 10 вработени, може да им се одобри кредит до 307.500 денари;
• на компании со 11 до 50 вработени, може да им се одобри кредит до 922.500 денари;
• на компании со 51 до 250 вработени, може да им се одобри кредит до 1.845.000 денари. 

Бројот на вработени се зема од Билансот на успех од последната фискална година. Во случај да не постои ваков податок, кредитобарателот треба да поднесе изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност за бројот на вработени со 31.12.2019 година.

УСЛОВИ за одобрување на средствата:

Трговски друштва и трговци поединци кои може да аплицират за кредит од Развојната банка на РСМ се трговски друштва и трговци поединци активни во класата на дејности од Листата на класи на дејности предмет на финансирање од НКД (согласно основната дејност на друштвото, дадени како Прилог на https://www.mbdp.com.mk/mk/vesti/596-1-2); кои ги исполнуваат следните критериуми:

  • регистрирани се во Република Северна Македонија;
  • најмалку 51% кои се во приватна сопственост;
  • немаат неплатени даноци и придонеси, освен ако на истите им е одобрено одложено плаќање на даноците и придонесите во согласност со посебните прописи и истите редовно ги плаќаат;
  • не се во постапка на стечај или ликвидација;
  • работат подолго од 6 месеци и имаат поднесено годишна сметка во централен регистар;
  • согласно финансиските извештаи за последната фискална година има главнина и резерви (наведен во билансот на состојба) не помалку од 50% од износот на бараниот кредит;
  • согласно податоците од кредитен регистар на НРБСМ со состојба од 31.01.2020 година се во класификација подобра или еднаква на Б (се врши пресметка на просечна ризичност) или кои немаат кредитна изложеност;
  • показателот за степенот на финансиска задолженост на компанијата треба да е помал од 4, а се пресметува како сооднос меѓу вкупни обврски по заеми и кредити/ главнина и резерви. Показателот се пресметува на база на биланс на состојба од последната фискална година;
  • показателот за тековна ликвидност треба да е најмалку 0,9, а се пресметува како сооднос меѓу тековни средства и кратокорочните обврски. Показателот се пресметува на база на биланс на состојба од последната фискална година.

Трговец поединец не е потребно да ги исполнува критериумите:

  • показателот за степенот на финансиска задолженост на компанијата треба да е помал од 4, а се пресметува како сооднос меѓу вкупни обврски по заеми и кредити/ главнина и резерви. Показателот се пресметува на база на биланс на состојба од последната фискална година;
  • показателот за тековна ликвидност треба да е најмалку 0,9, а се пресметува како сооднос меѓу тековни средства и кратокорочните обврски. Показателот се пресметува на база на биланс на состојба од последната фискална година.

ЗАДОЛЖИТЕЛНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Задолжителна документација која заинтересираниот субјект е должен да ја достави на јавниот повик е следната:
– Апликација/Кредитно барање (образец објавен на веб страницата на банката);
– Тековна состојба не постара од 6 месеци;
– Годишна завршна сметка, (со 31.12.2019);
– Доказ за немање на достасани неплатени даноци и придонеси кон државата – Уверение од УЈП;
– Доказ за немање постапка за стечај и ликвидација, – од Централен регистар на РСМ;
– ЗП образец;
– Изјава за поврзаност со други правни/физички лица, (образец објавен на веб страницата на банката);
– Изјава за постоење својство на носител на јавна функција, (образец објавен на веб страницата на банката); и
– Изјава за проверка на кредитна изложеност. (образец објавен на веб страницата на банката).

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk.

Образложението на донесените прописи е дадено од правник Блаже Ајтов и Адвокат Наташа Атанасовска

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *