ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ТРГОВСКИТЕ ДРУШТВА ОБЈАВЕН ВО СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РМ БРОЈ 120/18 ОД 29.06.2018 ГОДИНА

На ден 07.07.2018 година, стапи во сила Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, објавен во Службен Весник број 120/18 на ден 29.06.2018 година. Имено, со овој закон се бришат одредбите кои се однесуваат за тајни друштва од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/04, 84/05, 25/07, 87/08, 42/10, 48/10, 24/11, 166/12, 70/13, 119/13, 120/13, 187/13, 38/14, 41/14,138/14, 88/15, 192/2015, 6/2016, 30/2016, 61/16, 64/18) и тоа со образложение дека на ваков начин ќе се зголеми транспареноста, ќе се намали даночната евазија и даночното затајувањепреку достапноста на информации за правниот или вистински сопственик на правните субјекти, како и дека на ваков начин даночната администрација ќе има пристап до тие информации, со цел истите да може да ги користи за свои цели и да ги разменува со другите даночни администрации.

Чисто за појаснување, тајното друштво е форма на друштво кое нема правен субјективитет и не се запишува во трговскиот регистар, а воедно и идентитетот на тајниот содружник, третите лица не го познаваат.

Имено, со Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, во членот 500 се врши менување на ставот (7), така што се прецизира дека во годишниот извештај за работењето на друштвото кое стекнало најмалку 10% удел во друго друштво и не го известило тоа друштво за стекнувањето, се наведува идентитетот на сите физички и правни лица кои учествуваат во основната главнина. Во извештајот се наведуваат и измените ако се случиле во текот на една година. Исто така, со овој закон се бришат насловите пред членовите и членовите 567, 568, 569, 570, 571, 572, 573, 574, 575, 576, 577 и 578, кои се однесуваат на тајните друштва, а со член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва се прецизира дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува правна можност за настанување на тајни друштва, согласно Законот за трговските друштва, односно престануваат со важност тајните друштва за кои е склучен предходно договор.

Од друга страна пак, Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва дозволува договорите склучени со таен содружник, односно со тајно друштво, да продолжат да се применуваат согласно одредбите од Законот за облигационите односи, што практично значи дека овој Закон упатува да лицата регулирањето на вака настанатите односи, пример го вршат преку одредбите кои се однесуваат на договорот за ортаклак или договорот за заедница, каде две или повеќе лица ортаци заемно се обврзуваат да го здружат својот имот и труд или дел од имотот и труд, заради заедничко остварување имотна корист и поделба на таа корист (во вид на добивка).

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *