ИЗМЕНИ ВО ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ ОБЈАВЕНИ ВО СЛУЖБЕН ВЕСНИК БРОЈ 120/18 ОД 29.06.2018 ГОДИНА

Согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 120/2018 од 29.06.2018 година), извршени се измени во делот за:

– работното време на младо лице под 15 години;

– рокот за пријавување на јавниот оглас;

– содржината на договорот за вработување;

– времетраењето на пробната работа;

– постапката пред отказот поради лични причини на страна на работникот;

– рокот за  подобрување на работењето на работникот по приемот на предупредувањето;

– отказниот рок при отказ од страна на работникот;

– субјективниот и објективниот рок во случај на застареност при отказ на договорот за вработување поради причини на вина од страна на работникот;

– уреден е рок за вработување на работно место на работник, за кое работно место претходно е изречен отказ поради деловни причини;

– износите на испратнина во случај на отказ на договорот за вработување од деловни причини;

– давањето на писмена изјава за продолжување на договорот за вработување најмногу до 67 годишна возраст;

– минималната висина на платата на работникот – приправник за работното место за кое се оспособува;

– исплатата за исхрана на работниците кои работат ноќе и обезбедувањето на превоз за овие работници;

– во делот кои денови се сметаат како ден на годишен одмор за работникот; како и
– во делот за минималното искористување на годишниот одмор во текот на тековната година за која е стекнат.

Оттука, согласно измените во Законот за работните односи, се забранува работа за дете под 15 години возраст или дете кое не завршило задолжително образование, освен за учество во активности кои со закон е утврдено дека може да ги извршува, но не подолго од два часа дневно, односно не подолго од 12 часа неделно, а за време на училиштен распуст не подолго од шест часа дневно, односно не подолго од 30 часа неделно, при што задолжително треба да му се обезбедат две непрекинати работни недели на одмор.

Се врши и измена на рокот за пријавување на јавниот оглас за вработување и тоа на начин што од 5 работни дена, сега рокот за  пријавување на јавниот оглас ќе изнесува 3 (три) работни дена, како и во делот за времетрањето на пробната работата и тоа на начин што максимумот на времетрањето се намалува од 6 (шест) месеци на 4 (четири) месеци.

Исто така, со измените на Законот за работните односи, се менува и целиот наслов пред членот 73 од Законот за работните односи, како и членот 73, на начин што насловот и членот 73 сега гласат:

„Постапка пред отказот поради лични причини на страна на работникот

Член 73

Пред откажување на договорот за вработување од лична причина на страна на работникот, под условите од членот 80 од овој закон, работодавачот мора писмено да го предупреди работникот за неисполнувањето на обврските и можноста за отказ во случај работникот да не го подобри своето работење.“;

а во членот 80 се уредува минималниот рок за подобрување на работењето на работникот, кој ќе изнесува не помалку од 15 дена, од денот на приемот на писменото предупредување од работодавачот, а во стротивно работодавачот ќе има право да го откаже договорот за вработување на работникот од лични причини на страна на работникот.

Во однос на отказниот рок од страна на работникот, извршени се измени во членот 88 став 1, каде е појаснето дека работникот во случаите од член 100 став 1 од Законот за работните односи, може да го откаже договорот за вработување по истекот на три дена откако претходно писмено го предупредил работодавачот на исполнувањето на обврските. Оваа можност се однесува за следните обврски на работодавачот:

1) работодавачот повеќе од три месеца не му обезбедува работа и така не му ја исплаќа определената плата; 

2) не му е овозможено вршење на работата заради одлука на надлежната инспекција за забрана на вршење на работниот процес или забрана на примена на средствата за работа подолго од 30 дена и работодавачот не му ја исплаќа законски определената плата; 

3) работодавачот најмалку три месеца исплаќа намалена плата за работата; 
4) работодавачот три пати последователно или во период од шест месеца не исплаќа плата за работата во законски, односно договорно определениот рок; 

5) работодавачот не ја обезбедува заштитата на работникот при работа, а работникот претходно побарал отстранување на заканувачката непосредна и неизбежна опасност за животот и здравјето; 

6) работодавачот го навредува и насилнички се однесува кон него или наспроти неговите предупредувања не го спречува таквото однесување од страна на другите работници; 
7) работодавачот не му обезбедува еднаков третман со оглед на полот и 
8) работодавачот ништо не презел работникот да не стане жртва на полово вознемирување.

Измените во делот за застарувањето на причините на вина на страна на работникот при отказ на договорот за вработување се однесуваат во делот на субјективниот и објективниот рок на застареност и тоа на начин што се намалуваат овие рокови и тоа во однос на субјективниот рок се намалува од 6 (шест) месеци на 3 (три) месеци од денот на денот на дознавањето на фактите кои се основа за давање на отказот, односно во однос на објективниот рок се намалува од 12 (дванаесет) месеци на шест месеци од денот на настапувањето на фактите кои се основа за давање на отказот.

Она што исто така е значајно во измените на законот, во однос на откажувањето на договорите за вработување по основ на деловни причини е дополнувањето на членот 96 и тоа со следните два нови става (3) и (4), кои гласат:

„Ако работодавачот го откаже договорот за вработување поради деловни причини, не може на истите работи, со иста стручна подготовка и занимање да вработи друг работник, во рок од две години од денот на престанокот на работниот однос; и

Ако пред истекот на рокот од ставот (3) на овој член, настане потреба за вршење на истите работи, предност за склучување на договор за вработување има работникот на кој претходно му престанал работниот однос.”.

Со измените и дополнувањето на Законот за рабоотните односи, се зголемува и процентот на минималната плата на работникот – приправник, која сега наместо 40% од основната на работното место за кое се оспособува, ќе изнесува не помалку од 70% од основната на работното место за кое се оспособува.

Воедно со овој закон се менува и член 128 став 5 на начин што му се забранува на работодавачот да го распореди на ноќна работа работникот на кој нема да му обезбеди услови за превоз до и од работа, доколку нема јавен превоз, а се брише и член 138 став 3 во кој беше уредено дека како ден на годишен одмор ќе се смета секој работен ден кој е според распоредот на работното време кај работодавачот за конкретниот работник одреден како работен ден; што значи дека во однос на уредувањето кои денови ќе се сметаат како ден на годишен одмор за работникот, останува само одредбата во која е уредено: „Празниците, саботите и неделите и слободните денови, отсуствата поради боледување, како и другите случаи на оправдано отсуство од работа не се пресметуваат во деновите на годишниот одмор“.

Другата измена во однос на годишниот одмор се однесува на тоа дека минималното искористување на годишниот одмор во текот на тековната година за која е стекнат одморот, ќе изнесува две неприкинати недели, наместо претходно уреденото 12 дена.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *