НОВ ЗАКОН ЗА РАБОТНО АНГАЖИРАЊЕ НА ЛИЦА

Собранието на Република Северна Македонија на ден 20.05.2025 година, го усвои Законот за работно ангажирање на лица, кој е објавен во Службен весник бр. 104/2025 од 26.05.2025 година и ќе започне да се применува од 1 јануари 2026 година.

Со овој закон се воспоставува правна рамка за ангажирање на лица за повремена или сезонска природа во одредени дејности, при што вака ангажираното лице не заснова работен однос согласно Законот за работните односи, туку работи под поедноставени услови определени во Законот за работно ангажирање на лица. 

➡ Кои лица можат да бидат работно ангажирани согласно условите уредени во новиот Закон за работно ангажирање на лица?

Законот овозможува работно да бидат ангажирани:

– лице кое не е во работен однос;

– вработено лице;

– самовработено лице;

– лица помлади од 18 години кои согласно со општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос;

– студент;

– корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот; и

– странец кој има регулиран престој согласно со закон.

➡ Во кои сектори е дозволено вакво ангажирање?

Работното ангажирање може да се врши исклучиво во:

  • земјоделство, шумарство, рибарство;
  • угостителство и сместувачки капацитети; и
  • Дејности на домаќинство како работодавач.

Имено, видот на работите за кои што работодавачот може работно да ангажира лице во овие дејности се:

а) во секторот Земјоделство, шумарство, рибарство: подготовка на земјиште, садење, сеење, жнеење, наводнување на земјиште; заштита на растенија; управување со земјоделски машини (трактор, комбајн и друго); обрежување; пресадување и проретчување; кастрење/стрижење; пасење, нега на стока и други работи во сточарството; берење зрнести плодови; берење јаболчести плодови; берење јаткасти плодови; берење и наводнување градинарски култури; берење тутун и друго; хортикултура; собирање диви плодови; калемење; сечење стебла; уништување штетници; чистење, лупење, сортирање, пакување, складирање, работи поврзани со одгледување, негување, грижа и користење на шумите; 

б) во секторот Објекти за сместување и сервисни дејности за храна: шанкер/бармен; келнер; готвач; собар; мијач на садови; доставувач на храна; аниматор; хостеса, фотограф, снимател на слика, цвеќар аранжер; и

в) во секторот Домаќинството како работодавач: чување деца, чување стари лица и чистење; работи поврзани со чистење за потребите на станбени згради – чистење, одржување и поправка.

Воедно, се забранува работно ангажирање на лица помлади од 18 години за видовите работа за чување деца и стари лица.

Работодавачот за работите во секторот – објекти за сместување и сервисни дејности за храна, може истовремено да ангажира до 10 лица или најмногу до 10% од вкупниот број на вработени лица кај истиот работодавач.

Работодавачот не може да ангажира лице кое било во работен однос кај тој работодавач во период од 12 месеци пред ангажирање на истото лице, освен доколку престанокот на работниот однос бил поради исполнување на условите за старосна или семејна пензија. 

➡ Колку време може да трае ангажманот?

  • Работодавачот може да ангажира лица за вршење работа од сезонска или повремена природа најмногу до 120 дена во текот на календарската година, односно најмногу до 180 дена ако е во земјоделскиот сектор.
  • Исто лице може да биде ангажирано најмногу 60 дена во календарската година за сезонска работа, независно дали работното ангажирање е со прекин или без прекин.
  • За повремена работа, исто лице може да биде ангажирано да работи најмногу до 15 дена месечно, а максимум 60 дена во календарската година.
  • Истото лице може да биде работно ангажирано кај повеќе работодавачи, но вкупното работно ангажирање на лицето кај сите работодавачи, не може да биде повеќе од 12 часови во текот на денот.

➡ Што добива работното ангажирано лице?

Ангажираното лице има право на:

  • паричен надомест за извршениот работен ангажман, кој се исплаќа во паричен износ за секој час на работно ангажирање и кој не може да биде понизок од минималниот основен нето – паричен износ по час;
  • уплатен данок на личен доход, придонес за пензиско и инвалидско осигурување и дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа и професионално заболување согласно со прописите од социјалното и здравственото осигурување; и
  • задржување на претходно стекнати права – како што се пензија, студентски бенефиции или надоместоци за невработени.

➡ Како може да престане работното ангажирање на лицето?

Работното ангажирање на лицето може да престане во случај на:

– престанок на потребата за која лицето е ангажирано без наведување на причината,

– повреда на договорените обврски,

– неизвршување на работните обврски и

– по барање на ангажираното лице без наведување на причината.

➡ Како се пријавува работникот?

Пријавата и одјавата на работно ангажираните лица ќе се врши електронски преку Агенцијата за вработување, а сите уплати за даноци и придонеси се обврска на работодавачот, кој делува во име и за сметка на работникот.

✅ Важно е да се напомене дека оваа форма на ангажирање не може да се користи како замена за редовен работен однос и е строго ограничена по обем и времетраење.

Наш совет:

Доколку сте работодавач кој сака законски да ангажира работници за сезонски или повремени работи или пак лице кое сака дополнителна приходи без да ги загуби постојните права – овој закон Ви овозможува транспарентен и заштитен начин тоа да го направите.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, како и за состав и појаснување на договорите за работно ангажирање, пријавување или даночните обврски, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk. 

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *