Единствени ограничувања во Законот за трговските друштво на РМ за основање на трговско друштво, односно субјекти кои не може да основаат друштво се следните:
1) трговски друштва чија сметка отворена кај кој било носител на платниот промет е блокирана и лицата кои се членови на органот на управување, органот на надзор, односно се управители на тие друштва, се додека трае блокадата на сметката на друштвото или додека над истото не се отвори постапка на ликвидација или стечај;
2) друштва над кои е отворена стечајна постапка, додека трае постапката;
3) лица кои се членови на органот на управување, органот на надзор, односно се управители на трговски друштва на кои во постапка пропишана со закон им е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, се додека трае забраната;
4) лице кое е содружник во друштво со ограничена одговорност (ДОО) или во друштво со ограничена одговорност основано од едно лице (ДООЕЛ) чија сметка е блокирана додека трае блокадата на сметката на друштвото или додека над друштвото не се отвори постапка за ликвидација или стечај;
5) содружниците, управителите и членовите на органот на управување и органот на надзор на друштвата за кои е започната постапка за бришење додека трае таа постапка и во период од три години од денот на објавата на бришењето на друштвото на веб страницата на Централниот регистар, освен основачите, односно содружниците кои се меѓународни финансиски организации чија членка е Република Македонија и чие учество во основната главнина на друштвото е под 50%; и
6)лица за кои со правосилна одлука на судот е утврдено дека сториле кривично дело лажен стечај, предизвикување стечај со несовесно работење, злоупотреба на постапката стечај, оштетување или повластување на доверители и изречена им е забрана за вршење професија, дејност или должност, се додека траат правните последици од забраната.
Исто така, физичко лице може, во исто време, да биде содружник со неограничена одговорност само во едно друштво. Јавно трговско друштво, командитно друштво и командитно друштво со акции не можат да бидат содружник со неограничена одговорност во друго такво друштво.
Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.
Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk
